Студијата за однесувањaта поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (HBSC) претставува меѓународна, колаборативна студија со Светската здравствена организација (СЗО, Регионална канцеларија за Европа), која се спроведува секои четири години во повеќе од 50 земји. Целта на студијата е да се процени здравјето и здравственото однесување кај адолесцентите на возраст од 11 до 15 години.
Од 2002 година Република Северна Македонија станува рамноправна членка во меѓународната HBSC мрежа, под раководство на Лина Ќостарова Унковска. Истражувањето се користи за добивање податоци за различни аспекти на животот на учениците – од ментално и физичко здравје, преку употреба на супстанции и дигитални навики, до навики во исхраната и физичката активност.
HBSC студијата нуди споредби меѓу земјите (меѓународен контекст) и со текот на времето (трендови), што овозможува континуирана евалуација на однесувањата поврзани со здравјето и придонесува кон креирање на ефикасни програми за превенција и унапредување на здравјето на национално и регионално ниво.
Најновата анкета се спроведе во 2022 година, а во текот на 2023 и 2024 се објавија повеќе публикации, обуки и работилници. Следното истражување е планирано за 2026 година.
Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје